Обновата на водоводните системи ќе донесе поголеми приноси во земјоделството

10.06.2014 10:47

Владината дестгодишна програма за обнова и проширување на системите за наводнување ги опфаќа сите системи градени, главно во 60- ите години од минатиот век. Со тоа ќе се зголеми производството, ќе се отворат нови можности за наводнување. Водоводните претпријатија веќе со проекти и за нови акумулации...

Нивите секогаш жедни, земјоделците желни да го зголемат и унапредат производството. За прилепскиот тутунар Златко Илиоски родот бара барем трипати наводнување, инаку ќе се преполови.

Водата ако ја немаме во градот, не можеме да го насадиме ниту тутунот“, вели Златко Илиоски, тутунар.

Хидросистемот на прилепско долг 400 километри, единствен затворен и подземен, е  еден од системите во земјава кои бараат обновување. Наводнува 1.600 од предвидените 2.500 хектари.

Главно, системите за наводнување во земјава се градени во 60-ите години. Според податоците, велат стручњаците, имаме водоводни системи за наводнување на 170.000 хектари, но, реално, се наводнуваат 30.000.

Владината 10 годишна програма за вложување 200 милиони евра во водните системи го опфаќа и прилепското поле. Има проекти, обновени се клучни делови, ќе се градат две акумулации.

Акумулацијата во Подмол треба да биде од 1.300.000 метри кубни вода и со сопствен систем за наводнување“, вели Гордана Тошеска, директор на Водостопанското претпријатие„Прилепко поле“.

Според експертите располагаме со доволно води, обновата на системите значи зголемени приноси.

„Ќе се добие модернизација на системите, таа модернизација ќе повлече нови затворачи, нови системи, нови начини на наводнување, систем капка по капка и други што ќе придонесат за намалување на загубите на вода што е и барање на светските фирми, еве кај нас е Филип морис, за заштита на почвата, средината“, вели Влатко Крстески, хидроинженер во Тутунски комбинат.

Министерството за земјоделство има рок од една година да спроведе јавна расправа со експертите, земјоделците, практичарите за обнова на водните системи во земјава.

 

Елизабета Митреска