Ангелов: Ништо не е поскапо од човековиот живот, хеликоптерот се користи кога сите други операции се неизведливи
Преку 80 несреќи се случуваат на Водно преку годината, во земјата оваа бројка е далеку поголема. Планинари, ловџии, овчари, рекреативци па дури и оние со некое хоби, често поради повреди или стравови остануваат заробени во доловите и амбисите и без сложена спасувачка акција невозможно е да бидат извлечени. Иако е доста скапо сепак, хеликоптерот мора да се крене, тогаш кога се исклучени сите други методи за спасување и мора да се спречи луѓето да настрадаат, вели за МТВ првиот човек на ЦУК, Ангелов, чија последна одлука за спасување со хеликоптер се случи само пред еден ден на Водно…

Ништо не е поскапо од човековиот живот. Хеликоптерот мора да биде покренат во акција за спасување, за да биде спасен тој што останал повреден и немоќен, вели за МТВ директорот на Центарот за управување со кризи, Ангелов. Одлуката со хеликоптер да се изведе спасувањето се донесува кога сите други операции се неизведливи ниту со теренски возила, нити со екипите на Црвениот крст, ниту пак со припадниците на ЕБОР, бидејќи е важен факторот време.
И сеедно е дали некој отишол да трага по единствен вид пеперутки над Матка, па не можел да се спушти по падините, дали некој останал поради скршеница или друга повреда, не се колеба да даде наредба, бидејќи несреќите не ги прашуваат луѓето, се случуваат кога најмалку се очекува. Попладнињата и викендите се најкритични кога несреќите се и најбројни. А спасувањето е проблематично дури и за тимовите од хеликоптерите.
Во високо развиените земји тимовите за спасување се упатуваат во тешко проодни и непристапни места и тогаш кога треба да спасат некое животно. На пример, неодамна италијански пожарникари со хеликоптер спасуваа три овци завеани во снег. А вакви случки има насекаде, затоа што животот нема цена.
Фиљана Кока
