Граѓаните со поделени мислења за техничката влада
Во новиот владин состав, министерот и заменикот ќе имаат врзани потписи, за секоја одлука. За сите чекори кои ќе бидат направени ќе бидат одговорни политичките партии кои ќе бидат во техничката влада. Но, кои се очекувањата на граѓаните?

Основната задача на техничката влада е да организира фер и демократски парламентарни избори. Мандатот ѝ трае од изборот, па сè до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници.
МТВ ги праша граѓаните што очекуваат од преодната влада во наредните 100 дена. Тие со поделени мислења-некои очекуваат продлабочување на недоразбирањата, други пак, дека општата состојба во земјата ќе ги присили на соработка.
„Претпоставувам дека ќе има расправии, но се надевам дека ќе гледаат на работите правилно за да тргне работата напред.“
„Да се надеваме дека ќе биде подобро.“
„Господ знае како ќе биде, кога ќе дојдеш на функција треба нешто да направиш, да оставиш, луѓето да те паметат по добро.“
„Толку сме разочарани од владите, што веќе во никоја немам доверба.“
„Јас мислам дека треба промена, и тоа јака промена“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Во преодната влада министерот и заменикот имаат врзани потписи. Доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки. Министерот има право да ангажира лица за потребите на својот кабинет. Може да врши и хоризонтални распоредувања на вработените.
Секако, остануваат надлежностите за носење одлуки за тековно функционирање на државата, спроведување на веќе почнати политики, програми, тендери.
Александра Спировска
