Земјоделство

Нови и изменети мерки на земјоделските субвенции

29.01.2024 08:21

За оваа година се подготвуваат измени во програмата за субвенционирање, најавува министерството за земјоделство. Треба да се воведат нови и да се зголемат износите на дел од постоечките мерки. Како новини се воведуваат и субвенциите за површина кај тутунот и за одржување на ливадите...

За 2024-та година се најавува зголемување на субвенциите и воведување на нови мерки.

Зелената нафта која досега беше субвенционирана со 50 се зголемува на 100 проценти од трошоците за обработка на насадите и нивите. Лани за оваа намена се обезбедија скоро 275 милиони денари, а беа опфатени 50 илјади земјоделци.

Новина е и тоа што годинава и тутунопроизводители ќе добиваат по 6.000 ден по хектар, а со исто толкава сума ќе се субвенционира и косењето и одржувањето на ливадите.

Во лозарството се предвидуваат дополнителни пари за производство на грозје со висок квалитет за добивање на високо квалитетни вина. Со износ од 40 000 денари по хектар, кои заедно со основните 20.000 сега следуваат вкупно 60.000 денари по хектар. За автохтоната сорта Станушина лозарите ќе добијат и дополнителни 5.000 денари.

Зголемување ќе има и за заклано јагне и јаре од 400 на 1.000 денари и за плата за овчарите од сегашните 360.000 на 620. 000 денари за овчар, а се отстранува условот фармата да биде над 700 метри надморска височина.

 

Методија Трајков