Бајден најави дека ќе возврати на смртоносниот удар врз американската база во Јордан
Исламски отпор одговорен за нападот врз американската база во Јордан. Бајден најави возвраќање на ударот. Техеран негира вмешаност. Случувањата на Блискиот Исток - нова итност за ослободување на заложниците и ставање крај на конфликтот.

Проиранската милитантна група „исламски отпор“ одговорна за нападот врз американската база во Јордан во кој загинаа тројца, а беа ранети над 30 војници. Претседателот Бајден прстот го впери во Иран. Најави дека ќе возврати на смртоносниот удар.
„Имавме тешка ноќ на Блискиот Исток. Изгубивме тројца храбри војници во напад на една од нашите бази, и ќе одговориме“, изјави Џо Бајден - претседател на САД.
Техеран негира вмешаност велејќи дека групите од „регионалниот отпор“ не примаат наредби од Иран.
„Од почетокот на кризата јасно кажавме дека војната не е решение и дека може да ја влоши безбедноста на регионот. Тоа на сите ќе ни наштети“, изјави Хосеин Амирабдолахиан - министер за надворешни работи на Иран.
Истовремено, во северен Израел извршен напад со автомобил во близина на воена база. Тел Авив вели-нема друга алтернатива, операциите продолжуваат.
„Сè додека имаме киднапирани во Појасот Газа немаме морално право да престанеме да ги бараме жените. Мораме да одиме до крај. Ќе го зголемиме и продлабочиме овој притисок и ќе продолжиме“, изјави Јоав Галант - министер за одбрана на Израел.
И додека листата на земји кои го прекинуваат финансирањето на УНРВА расте, Палестина повика да ги преиспитаат одлуките.
„Замрзнувањето на помошта од УНРВА е нарушување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, судот кој предвидува зголемување на помошта во Газа. Се надеваме, земјите наскоро ќе ги сменат ставовите“, изјави Мохамад Штаје - премиер на Палестина.
Последните случувања на Блискиот Исток даваат нова итност во напорите за ослободување на заложниците во Газа и ставање крај на конфликтот.
Бојана Крстевски
