Синдикат

Вработените во ФЗОМ се заканија со штрајк ако им се намалат платите

29.01.2024 14:47

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на мирен протест пред Фондот за здравствено осигурување. Нема да има рецепти, упати, исплаќања од Фондот, сè ќе застане, ако на вработените во Фондот за здравствено осигурување им се намалат платите...

Нема да има рецепти, упати, исплаќања од Фондот, сè ќе застане, ако на вработените во Фондот за здравствено осигурување им се намалат платите за 21%. Тие се заканија со штрајк.

Првиот човек на Синдикатот на ФЗОМ за МТВ рече дека ако се случи тоа, на шалтерите ќе работи само по еден човек кој ќе прима само документација, и ништо повеќе, односно ќе страдаат граѓаните.

„Доколку Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21%, тие ќе стапат во штрајк, на шалтерите ќе работи само по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и другите услуги“, најави Бранко Аџигогов - претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ.

Од Синдикатот на УПОЗ прстот го вперуваат кон Министерството за финансии, кое му наложило Управниот одбор на Фондот да донесе одлука со која ќе се намалат платите за 21% на вработените. Велат, тоа било крајно понижувачки за нив.

„Буџетот на ФЗО е издвоен од Централниот буџет, средствата за плати не се предвидуваат од Централниот Буџет туку од Буџетот на ФЗО и никогаш до сега немало ваков проблем и вакво мешање во работата на ФЗО од страна на Владата и Министерството за финансии, соопштија денеска од Синдикатот на УПОЗ“, изјави Трпе Деаноски- претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Со одлуката се засегнати 831 вработен во Фондот за здравство и ако има намалување на платите, според Синдикатите, 25% ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25% колку минималецот.

Разочарани се работниците кои излегоа на мирен протест.

Буџетот на Фондот за здравство е над 46 милијарда денари, од кој износ за плати се издвојуваат 1,19%.

 

Борис Грујоски