Двојно зголемен интерес за имунизација кај децата со заостанати вакцини
По појава на неколку случаи на голема кашлица, во земјава расте интересот за заштита на децата. Во вакциналните пунктови фреквенција на децата кои ги примаат заостанатите вакцини, меѓу кои МРП-вакцината. Во земјава опфатот за примарната вакцина е по 90% за сите вакцини …

Две ипол месечно бебе од Тетово со голема кашлица, петти ден се лекува на Клиниката за респираторни заболувања во Козле. Во моментов е во стабилна состојба, со редуцирана кашлица и нема потреба од кислородна поддршка, отврдуваат од Клиниката за МТВ. Од почетокот на годинава регистрирани се седум случаи на голема кашлица во земјава. Нејзината појава предизвика страв кај родителите – во вакциналните пунктови се забележува двојно зголемен интерес за имунизација со заостанатите вакцини, особено кај децата над 18 месеци кои ја пропуштиле ревакцината со ди те пер.
„Во декември бројот на дадени ревакцини бил 26, а сега во јануари е 61 доза на дадени ревакцини. Тоа е повеќе од двојно дадени ревакцини, секако тука е и апелот до родителите да не чекаат епидемии и вакви ситуации затоа што и вакцината не делува веднаш. Туку и треба време да создаде антитела, имунолошки одговор за да може детето да биде заштитено“, вели д-р Сања Цилевска Младеновска од поликлиниката „Букурешт“.
Лекарите велат големата кашлица не може да се дијагностицира со рутинските брисови од нос и од грло, па честопати има случаи кои воопшто не се откриваат. За ова заболување има терапија, но проблем се бебињата кои не подлежат на вакцинација, за нив најважен е колективниот имунитет, односно опфатот на имунизација да биде над 90 насто.
Нискиот опфат на имунизација со оваа, но и со сите други вакцини после пандемијата е една од причините за појавата на големата кашлица – болест што се смета за речиси искоренета откако се појави вакцината.
Зголемен е интересот и за вакцината против морбили. Во пунктот во поликлиниката „Букурешт“ речиси двојно повеќе деца во јануари примиле МРП вакцина во споредба со декември. Ризикот повторно да се врати епидемијата со морбили е реален велат лекарите, минатата година опфатот на имунизација е под 70 проценти.
Андријана Ѓурческа
