Почна судскиот процес против родителите на Коста Кецмановиќ, тврдат дека не се виновни
Девет месеци по невидената трагедија во ОУ „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, пред Вишиот суд почна судскиот процес против родителите на момчето кое уби девет соученици и училишниот чувар. Родителите се изјаснија за невини. Судењето ја исклучи јавноста од процесот…

На судскиот процес против родителите на малолетниот убиец Коста Кецмановиќ, Владимир и Миљана одлучено е главниот претрес да биде затворен за јавноста, и како што дознаваме истите ја негираа вината.
Владимир Кецмановиќ е обвинет за тешки кривични дела против општата безбедност, односно дека го обучувал својот 13-годишен син да ракува со огнено оружје, го водел на стрелиште, а оружјето не го чувал безбедно како што е предвидено со закон, за што е побарана 13-годишна казна затвор.
Мајката на убиецот, Миљана, е обвинета за недозволено изработување, држење и носење оружје и експлозивни материјали, и е побарана казна затвор од 2,5 години.
Во судот, таткото на масовниот убиец е донесен со лисици на рацете. Имаше кратка средба со сопругата Миљана, и двајцата со солзи во очите, а спроти нив беа родителите на убиените деца со нивни фотографии.
Според обвинението, таткото во повеќе наврати го обучувал синот убиец да ракува со огнено оружје, муниција и да гаѓа во подвижни цели, со воздушна пушка, но и со пиштоли Глок и Чешка зброевка со која вежбале и гаѓање на силуети на луѓе.
Мајката, ја немала проверено училишната торба на Коста, која тој три дена ја поседувал внатре со оружје, муниција и молотови коктели, а постои и доказен материјал дека нејзина ДНК е пронајдена на чаурите во училиштето Рибникар.
И двајцата родители на рочиштето се изјаснија за невини. Судска постапка се води и за сопственикот на стреланата каде вежбал малолетниот убиец и за инструкторот, за давање на лажно сведочење, за што е предвидена казна од три години затвор.
Утре продолжува судењето со изнесување на докази на одбраната, кое е затврено за јавноста се до окончување на процесот.
Малолетниот Коста Кецмановиќ кој уби 10 лица во училиштето Рибникар, не е опфатен со кривична постапка поради 13-годишната возраст и се наоѓа во психијатриска установа.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
