Франција

Земјоделците започнаа со „опсада“ на Париз

29.01.2024 17:38

Сите патишта водат кон Париз, или можеби не, откако земјоделците ги блокираа главните патни артерии кон француската престолнина. Владата мобилизираше 15.000 припадници на полицијата да го надгледуваат движењето на земјоделците, ветувајќи нови мерки во нивна полза за најмалку 48 часа…

„Опсадата“ на Париз започна. Околу 800 трактори попладнево се наоѓаат во парискиот регион според полициски извори. Автопатот А10 околу Логвилие е блокиран во двата правци, на автопатот А1 кој го поврзува Париз со Лил и Брисел, започнаа да се поставуваат бали со сено за негово блокирање. Засега се избегнува да се блокираат аеродромите Шарл де Гол и Орли. Засега ситуацијата е мирна, но ситуацијата може да се влоши, бидејќи Емануел Макрон попладнево одржа вонреден состанок со неколку министри во Елисејската палата на кој е направен „преглед на состојбата во земјоделството“.

Вечерва премиерот Габриел Атал ќе се сретне со претседателот на ФНСА во 18 часот.

„Сакам да потсетам на тоа што го предизвика гневот, земјоделците сакаат да продолжат да произведуваат за да хранат, за тоа тие имаат потреба да заработуваат за нивниот живот, да имаат приходи и тоа да е во реципрочни услови. Денес тоа не е случај. Нашата цел е да извршиме притисок врз владата, да не ги уништиме животите на Французите“, изјави Арно Русо, претседател на ФНСА.

Министерот за земјоделство, Марк Фесно, изутринава за јавниот сервис Франс 2, вети дека ќе има „одреден број на нови мерки“. За него, кризата е повеќекратна.

„Продолжуваме да работиме со нивните претставници, за да предложиме поедноставување на процедурите, работиме на мерки кои ја потврдуваат желбата на владата да излезе од кризата и да даде конкретни одговори. Во рок од 48 часа, ќе имаме одреден број работи што можеме да ги ставиме на маса и кои, верувам, ќе ни овозможат да ги завршиме и да ја покажеме сеопфатноста на мерките што имаме намера да ги предложиме на земјоделскиот свет“, прецизира министерот Марк Фесно.

Фесно најави дека земјоделците ќе се најдат на агендата на европскиот самит во четврток, бидејќи дел од барањата на земјоделците се упатени до Европа. Во меѓувреме не попушта притисокот на гневните земјоделци.

„Денес имаме барања на национално ниво, дојдено ни е преку глава од давачките и тоа што станува многу мачно е таа Европа и заедничката аграрна политика и административните тешкотии“, вели еден земјоделец.

Владата се подготви за опсадата на Париз, мобилизирајќи 15.000 припадници на силите на редот, вадејќи и блиндирани возила околу главниот пазар на големо Ранжис во парискиот регион. Целта е да се избегне влегувањето на тракторите во Париз. Досега властите се покажаа толерантни кон земјоделците, без употреба на сила.

„Голема организација на МВР за да се избегне земјата да биде блокирана и особено престолнината Париз. Има и црвени линии кои не смеат да се поминат – окупацијата на пазарот Ранжис, аеродромите, Париз и другите големи француски градови“, рече министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманан.

Синдикатите повикаа на добро однесување на земјоделците, за да се избегне насилство. Повеќе од очигледно е дека Емануел Макрон сака да избегне судири со земјоделците, кои знаат да се покажат насилни, кои можат да прераснат во бунт како тој на жолтите елеци.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ