Продолжуваат нападите на Израел против Хамас
Израелските војници убиле тројца членови на вооружена ќелија на Хамас во болницата Ибн сина, на Западниот брег. Војската соопшти дека планирале терористички напад. Тел Авив најавува акција и против Хезболах на границата со Либан.

Тел Авив издаде нова наредба за евакуација на западниот дел на градот Газа. Израелската армија објави дека убила тројца вооружени членови на Хамас во болница на Западниот Брег.
„Со почетокот на нападот во Кан Јунис отворивме хуманитарни коридори со цел да им овозможиме на жителите да ја напуштат борбената област и да го спречиме Хамас да ги користи како жив штит. Иако Хамас се обидува да ги спречи жителите да си заминат, околу 100.000 жители веќе привремено се евакуирани само од западниот дел“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Официјални лица од Израел, САД, Египет и Катар се договорија за рамка за преговарање за заложнички договор меѓу Израел и Хамас. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази надеж дека ќе има пауза во борбите во Газа, а за возврат ќе бидат ослободени израелските заложници. Во однос на обвинувањата дека во Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци се инфилтрирани милитанти на Хамас, тој вели дека наводите мора да се истражат. Во меѓувреме, десетици Палестинци беа уапсени по рација во засолниште на УНРВА.
„Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци играше и продолжува да игра апсолутно незаменливо улога во обидот да се осигураме дека мажите, жените и децата на кои толку очајно им е потребна помош во Газа, навистина ќе ја добијат. И никој друг не може да ја игра улогата што ја играше УНРВА“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Хамас ги критикуваше западните земји за замрзнување на средствата за агенцијата на ОН за палестинските бегалци по израелските наводи дека десетина вработени во агенцијата учествувале во нападот на Хамас на 7-ти октомври врз јужен Израел.
„Ова е неодговорна одлука донесена од овие земји. Тоа е целосно во согласност со тековната ционистичка потрага да се распушти и елиминира УНРВА и да се стави крај на помошта за палестинските бегалци“, изјави Осама Хамдан, член на политичкото биро на Хамас.
Расте тензијата и на границата со Либан. Израелската војска „наскоро ќе започне акција“ на северот на земјата, каде секој ден разменува оган со шиитското движење Хезболах, изјави во израелскиот министер за одбрана. Министерот вели дека ги известил војниците распореден во близина на границата со Појасот Газа, дека ќе бидат прекомандувани на северот на земјата.
Маријана Димовска
