Нетранспарентната и брза постапка на измена на КЗ значително го поткопало судството
Според Индексот на перцепција на корупција на најновата листа на „Транспаренси интернешнл“ за 2023-та година, Македонија се наоѓа на 76-то место со 42 индексни поени, споредно со 2022-ра година кога беше на 85 место со 40 индексни поени...

Според Индексот на перцепција на корупција на најновата листа на „Транспаренси интернешнл“ за 2023-та година, Македонија се наоѓа на 76-то место со 42 индексни поени, споредно со 2022-ра година кога беше на 85 место со 40 индексни поени.
Во извештајот се наведува дека во септември минатата година, Собранието на Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери.
Земјава се наоѓа во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија и Тринидад и Тобаго.
Од земјите во регионот најдобра е Хрватска со 50 индексни поени и се наоѓа на 57 позиција, без промени во однос на минатата година. Најлошо рангирана е Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 108 позиција, со напредок од еден индексен поен. Грција има пад од три места и се наоѓа на 59 место со 49 индексни поени. Црна Гора со напредок од 1 поен е на 63 место со 46 индексни поени. Албанија има напреднато за една позиција и се наоѓа на 67 место со 45 индексни поени. Бугарија има напреднато за две места и се наоѓа на 98 место со 37 индексни поени. Косово, без поместување со 41 поен е на 83 место, додека Србија нема поместување и се наоѓа на 104 место со 36 индексни поени.
На врвот на листата, односно најдобар резултат годинава има Данска со 90 индексни поени, по што следи Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Најлошо рангирана е Сомалија со 11 индексни поени, по што следат Венецуела, Сирија и Јужен Судан со по 13 индексни поени.
Индексот на перцепција на корупција за 2023-та година, покажува дека корупцијата напредува низ целиот свет.
