Израел-Хамас

Израелските војници убиле тројца членови на Хамас на Западниот Брег

30.01.2024 12:25

Израел повторно нареди евакуација на жителите на западниот дел на градот Газа. Израелските војници убиле тројца членови на Хамас на Западниот Брег, групата се закани со одговор. Во меѓувреме, објавена рамка на преговарање за заложнички договор. Тел Авив најавува акција и против Хезболах на границата со Либан...

Израелската армија објави дека ликвидирала тројца членови на Хамас во болница на Западниот Брег. Се сомничат дека планирале големи терористички напади. Хамас се закани со одговор. Тел Авив издаде нова наредба за евакуација на западниот дел на градот Газа.

„Со почетокот на нападот во Кан Јунис отворивме хуманитарни коридори за да им овозможиме на жителите да ја напуштат борбената област и да го спречиме Хамас да ги користи како жив штит. Иако Хамас се обидува да ги спречи жителите да си заминат, над 100 илјади веќе привремено се евакуирани само од западниот дел“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Израелските сили уапсија десетици Палестинци во рација во засолништето на УНРВА. По обвинувањата дека вработени во Агенцијата за помош на палестинските бегалци биле вмешани во нападот на Израел на 7-ми октомври, од ООН велат дека секој вработен, вклучен во акти на терор, ќе одговара.

„Генералниот секретар е лично ужаснат од обвинувањата против вработените во УНРВА. Но неговата порака до донаторите, особено оние кои го прекинаа својот придонес, е барем да го гарантираат континуитетот на операциите бидејќи имаме десетици илјади посветен персонал кој работи низ целиот регион. Мора да се задоволат огромните потреби на очајното население на кое им служат“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Од Вашингтон со став, наводите мора да се истражат. Во меѓувреме е објавено дека официјални лица од Израел, САД, Египет и од Катар се договориле за рамка на преговарање за заложнички договор меѓу Израел и Хамас. Висок функционер на терористичката група вели дека единствен услов е целосен прекин на огнот во Газа.

„Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци играше и продолжува да игра апсолутно незаменливо улога во обидот да се осигуриме дека мажите, жените и децата на кои толку очајно им е потребна помош во Газа, навистина ќе ја добијат. И никој друг не може да ја игра улогата што ја играше УНРВА“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Расте тензијата и на границата со Либан. Од израелското Министерство за одбрана, велат дека наскоро ќе почнат голема акција на северот на земјата, каде секој ден се разменува оган со шиитското движење Хезболах.

 

Маријана Димовска