Природното во фокусот на годишнешниот „Македокс“
Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Револт“, а потоа ќе биде прикажан „Откачи“. Главната програма ќе почнува во 21 часот во Куршумли ан, а вечерните проекции во МКЦ се во 19 часот...

Со мотото „Природно“ од сабота до 20 јуни во Куршумли ан и Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи петтото издание на Фестивал за креативен документарен филм „Македокс“.
Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Револт“, а потоа ќе биде прикажан „Откачи“. Главната програма ќе почнува во 21 часот во Куршумли ан, а вечерните проекции во МКЦ се во 19 часот, додека во 12 часот ќе има пладневни проекции, кои се новина од оваа година.
Со петтото издание на „Македокс“ ќе се обидеме да се сетиме, потсетиме и осетиме што значи „Природно“. Ги задржавме старите програмски целини и истиот број проекции, а ја проширивме дополнителната програма. Годинава има околу 380 пријавени филмови од 64 земји во светот, што зборува за поставеноста на фестивалот на светската документарна мапа, рече директорката на фестивалот, Киријана А. Николоска.
Николоска најави дека покрај стандардните термини за разговор со гостите „Под смоквата“, новина во програмата е „Утринско доку-кафе“ во МКЦ, замислено како серија класови на режисерите, чии филмови ќе бидат дел од филмската програма, секој ден од 10:30 до 12 часот.
