Македонија

Случај „Онкологија“: Приведени четири лица, извршени претреси на три локации

30.01.2024 15:31

Приведен екс- директорот на скопска Онкологија и тројца што се сомничат за злоупотреби со скапата онколошка терапија со цитостатици. Закажаните терапии на пациентите продолжуваат без застој…

Поранешниот директор на скопска Онкологија, Нино Васев и уште двајца негови колеги се упасени на работното место под сомнение за инволвираност во случајот со злоупотреба на лекови, потврдуваат од Клиниката. Надвор од болницата, уапсено е уште едно лице.

Од Обвинителството со куса информација го потврдуваат случајот, но без конкретни детали.

„До овој момент извршени се претреси на три локации и задржани се четири лица. Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со дејствијата“, велат од Обвинителството.

Полициската акција не ја наруши секојдневната рутина на Клиниката тврди менаџментот. Пациентите ја добиваат терапијата.

Проверките за случувањата на Онкологија беа поттикнати од новинарски текст. Беше формирана и анкетна комисија во Собранието на која се сослушаа поранешни функционери и вработени на Онкологија. Заклучоците не се изгласаа со консензус поради различните ставови на пратениците од власта и опозицијата.

Анита Димитријевска-Велковска