Јавен сервис

Македонската телевизија ги подигнува капацитетите преку твининг- проект финансиран од ЕУ

30.01.2024 16:33

Професионалност, независност, објективност, иновативна разновидност – ова се вредностите на јавниот сервис. Македонската телевизија преку твининг-проект, финансиран од Европската унија ги подигнува капацитетите. Со новите студија достигнати технолошките височини, со обуките спроведени од германски експерти зајакнат човековиот потенцијал…

Виртуелната реалност-нов предизвик за Македонската телевизија. Јавниот сервис влегува во нова димензија од своето работење. Старата опрема во најголемите студија во земјава одат во историјата, се заменуваат со хибридна и виртуелна технологија.

Македонската телевизија постигна огромен напредок, но и покрај усогласувањето на домашната со европската легислатива, институциите не го почитуваат законот, и МРТ не ги добива потребните пари за да биде комплетно независна, вели првиот човек на институцијата Марјан Цветковски. Според евроамбасадорот Гир, финансирањето е клучно за независноста на медиумот.

„За МРТ да може да се развива во насока на комплетно независен јавен сервис, најважната реформа треба да биде во пристапот на политичките елити кон односот на јавниот сервис. Тие мора да расчистат дека МРТ не е обично јавно претпријатие и не можат да го гледаат како политички плен. Од тие причини, суштински е да се донесе измена на неколку закони или да се донесе нов закон само за МРТ, со кој ќе се отстранат сите ограничувања во работата на МРТ, кои ја прават зависна од повеќе владини институции. Се надевам дека на ова се мисли кога се зборува за реформа на јавниот сервис“, нагласи директорот на МРТ, Марјан Цветковски.

„Ова точно се поклопува со препораките кои се содржани во извештајот на ЕК за Северна Македонија од 2023-та, во кој беше нагласено дека се потребни дополнителни мерки за финансиска стабилност и независност, како на медиумскиот регулатор, така и на јавниот радиодифузен сервис“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Амбициозните цели на Македонската телевизија заслужуваат европска поддршка, вели германската амбасадорка во земјава Дрекслер, според која соработката со јавниот сервис е дел од заедничките напори Северна Македонија да прогресира на патот кон Европската унија.

„Би требало да имаме официјални разговори и дебати за самото значење на јавниот радиодифузен сервис. Тоа значи дека тој треба постојано да подлежи на промени и соочување со понатамошните современи предизвици“, изјави германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Помош во процесот добивме од германските партнери, дел од твининг-проектот на ЕУ за зајакнување на капацитетите на јавниот сервис, обуките продолжуваат уште една година.

Викторија Милевска