Албанската опозиција останува на ставот за бојкот, најави и кривична пријава
Албанската опозиција и по координацијата кај собранискиот спикер Митрески останува на ставот за бојкот. Европскиот сојуз за промени најави и кривична пријава за претседателката на Комисијата, Георгиевска со став дека го кочи изборот на нивен член во Државната изборна комисија. Продолжи и собраниската расправа за избор на Данева за уставен судија…

Европскиот сојуз за промени, по средбата со претседателот на Собранието, Јован Митрески, најави кривична пријава против претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска, ако итно не закаже продолжение на седницата за избор на нивниот предлог за член на Државната изборна комисија.
Алијанса за Албанците повтори дека ним им припаѓа местото во ДИК.
Почна и расправата и во Комисијата за избори и именувања, за утврдување кандидат за уставен судија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика да се повлече предлогот на СДСМ, Ана Павловска-Данева да биде кандидат за уставен судија.
Парламентарното мнозинство вели дека професорката Данева е вистински избор за позицијата во Уставниот суд.
Претходно по шест месеци расправа во Комисијата беше повлечен предлогот од СДСМ, поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кандидат во ова највисоко правно тело што се грижи за уставноста и законитоста во земјава.
Игор Панов
