Крај на учебната година: Годинава завршува последната генерација осмооделенци
На 23-ти и на 24-ти јуни на осмооделенците им претстои запишување во средно. Во училиштата низ Македонија има 35.195 слободни места...

Со песна и ора и музика, последната генерација осмооделенци денеска се прости од основното образование. Полуматурантите се среќни што започнуваат ново поглавје во животот.
„Нов живот со нови другари, но сепак не значи тоа дека старите ќе ги заборавиме... Има интересни професии во кои може да се пронајдам, но не знам точно сеуште во која... Во средно ќе ни биде потешко, но нема да се заборавиме“, велат полуматурантите.
Дел од нивните врсници кои учат по новата програма полуматуранти ќе бидат следната година со целосно завршено деветгодишно образование.
„Децата се повеќе години на училиште, така што се стекнуваат одредени работни навики, така што мислам дека овој систем е подобар од минатиот“, изјави Раде Ќегарац, директор на ОУ „Блаже Конески“.
На 23-ти и на 24-ти јуни на осмооделенците им претстои запишување во средно. Во училиштата низ Македонија има 35.195 слободни места. Годинава новина се 13-те реформирани струки за тригодишно средно образование кои ресорното министерство ги креираше со поддршка на ЕУ.
„Практичната настава станува доминантна и мислам дека е надминат еден недостаток што го имавме во претходните наставни програми. Тоа значи дека се создаваат предуслови на пазарот да понудиме поквалитетен стручен кадар“, смета Ефтим Пејовски, директор на средното електро-техничко училиште„ Михајло Пупин“.
И додека едни денеска го славеа крајот на учебната година, други го полагаа вториот и последен испит од екстерното тестирање.
За учениците 10-ти јуни е најубав училишен ден. Го означува почетокот на летниот распуст и безгрижните три месеци без учење, без испрашување и без домашни.
Сунчица Николоска
