Повредените во сообраќајката кај Битола се надвор од животна опасност
Една жртва и 20 повредени е билансот од вчерашната сообраќајна несреќа која се случи на излезот од Битола. Од битолската Клиничка болница велат, дека на сите им е пружена потребната помош, 15 од нив веднаш се пуштени дома, петмина биле хоспитализирани, од кои тројца утрово се испишани...

Сообраќајната несреќа што се случи на регионалниот патен правец Битола-Демир Хисар, во која учествуваа комбе и патничко возило, беше фатална за едно лице. 20 патници добија телесни повреди. На 15 од нив им била укажана прва помош и биле пуштени дома. Од петтемина кои во текот на ноќта биле задржани на лекување утрово се испишани тројца. Во одделението за неврохирургија е хоспитализиран возачот на комбето, а на одделението за општа хирургија е возачот на автомобилот. Двајцата се надвор од животна опасност, велат од Клиничката болница Битола.
Граѓаните велат состојбата со безбедноста на сообраќајот е сериозна, сообраќајките речиси се секојдневие.
42-годишниот битолчанец, совозачот во патничкото возило, е првата жртва во сообраќајна несреќа годинава во Битола.
Од СВР Битола информираат дека само на територијата на Битола во 2023 се регистрирани 214 сообраќајки, во кои животот го загубиле 11 лица. Од почетокот на оваа година, регистрирани се 17, во кои животот го загуби едно лице.
Александра Максимовска
