Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас неизвесен
Се зголемува јазот меѓу Израел и Хамас. Договорот за прекин на огнот неизвесен. За Израел политичко решение се исцрпува. На терен ситуацијата тешка, и за борците, и за раселените. Обилните врнежи дополнително ја влошуваат хуманитарна криза. По скандалот во УНРВА се бараат механизми како да се продолжи помошта за цивилите...

Израел и Хамас сè подалеку од договор. Можноста за политичко решение се исцрпува – велат властите во Тел Авив.
„Ќе дојде фаза кога нашето трпение и нашата способност да ја задржиме оваа работа ќе истечат, а како резултат може да завршиме со насилни дејствија“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Додека двете страни ги разгледуваат точките од договорот, Нетанјаху не се откажува од апсолутна победа отфрлајќи ги наводите за повлекување на војската како што побара Хамас. Тековните операции продолжуваат. На терен ситуацијата тешка, и за борците и за раселените. Обилните врнежи дополнително ја влошуваат и онака тешката хуманитарна криза.
„Нема ќебиња ниту облека. Дождот нè удави, не можеме да се исушиме. Ова е војна ќе нè уништи“.
„Временските услови се тешки. Сите наши домови се направени од пластика и шатори. Не можат да ја издржат оваа бура“.
Првиот човек на организацијата Гутереш на средба со донаторите на УНРВА откако голем број земји го ограничија финансирањето. САД се надеваат на брза разврска.
„Нема друг хуманитарен играч во газа кој може да обезбеди храна, вода и лекови во обем како што тоа го прави УНРВА. Сакаме работата да продолжи, и токму затоа е важно ООН сериозно да го истражат случајот и да утврдат одговорност за секој за што бил вмешан“, изјави Мет Милер, портпарол на Стејт департментот.
Советот за безбедност бара подобар пристап до снабдувањето во Газа, но смета дека механизмот со кој ќе се следи доставувањето на помошта до цивилите е невозможен без прекин на огнот.
„Ако механизмот е во функција, тоа би олеснило да знаеме што доаѓа, за кого е, и дали навистина стигна до цивилното население. Но, во моментов со оглед на фактот дека нема прекин на огнот, а конфликтот беснее нема можност да има монитори низ цела Газа да следат како се дистрибуира помошта“, изјави Сигрид Кааг, виш координатор за хуманитарна помош и реконструкција за Газа.
САД иако во голема мера ги поддржуваат целите на Израел, имаат и силен интерес да ја прекинат војната што предизвика регионална нестабилност и ги подели демократските гласачи во изборната година. Се надеваат дека договорот наскоро ќе биде прифатен и спроведен.
Бојана Крстевски
