Енергетика

Очекувано-неочекувани високи сметки за струја

31.01.2024 14:47

Јануарските сметки за струја пристигнаа. Иако поскапувањето беше очекувано и однапред најавено, сепак граѓаните се непријатно изненадени. Министерот за економија нема конкретно објаснување...

Високите сметки за струја непријатно ги изненадија граѓаните. Пред камерата на МТВ се пожалија дека мора да кратат на храна, за да ги намират трошоците. Некои од нив велат дека сметките се многу повисоки од очекуваното 10% зголемување.

Министерот за економија нема конкретно објаснување зошто корисниците од првиот и вториот блок, за кои ветуваше дека ќе добијат пониски сметки, добиле безмалку двојно повисоки. Ги повика сите што се сомневаат, да се пожалат во Регулаторната комисија за енергетика.

Во трката за нов универзален снабдувач со струја се три компании од кои веќе се пристигнати понуди. Бектеши вели постапката е во тек, а до крајот на април ќе биде донесена соодветна одлука согласно со законските рокови.

За поголема енергетска ефикасност, Министерството за економија ќе доделува ваучери за купување и инвертер клима уреди. Еден ваучер ќе биде во вредност од 25.000 денари.

Со цел намалување на загаденоста и помали сметки за струја, се доделуваат овие ваучери за најранливите граѓани во земјава.

Борис Грујоски