Лидерите на албанската опозиција кај Курти го договарале следниот претседател Албанец
Касами, Гаши и Меџити, во придружба на Таравари на средба во Приштина кај косовскиот претседател Курти. Разговарале за идејата за следен претседател Албанец…

Тројката Касами, Гаши и Меџити, во придружба на Таравари на средбата кај Курти во Приштина разговарале за идејата за следен претседател Албанец, со интелектуален кредибилитет, кој ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на државава. Ова стои во официјалното соопштение од Кабинетот на косовскиот претседател, со речиси идентична содржина како објавеното на Фејсбук-профилите на тројцата лидери на Европскиот сојуз за промени.
„Сите лидери ја посочија идејата за претседател Албанец, фигура која треба да биде личност со интелектуален кредибилитет и која ќе го обедини албанскиот фактор во РСМ и достоинствено ќе ги претставува сите граѓани на нашата земја“, велат од Европскиот сојуз на промени.
И додека очите на политичката јавност се вперени кон нивната коалиција со Таравари, министерот Меџити вели, неговата партија никогаш не ги криела средбите со други политички субјекти.
Средбата доаѓа три месеци пред одржувањето на парламентарните и на претседателските избори во земјава. Истиот ден кога почна да функционира техничката влада, а во Косово беше и лидерот на интегративците Ахмети. Во интервју за нивната национална телевизија тој повика, Курти јасно да каже дали неговата партија „Самоопределување“ ќе учествува на изборите на осми мај.
Маријана Димовска
