ОН предупредува на пораст на ксенофобијата во ЕУ

10.06.2014 14:25

Во новоизбраниот Европски парламент ќе седат неколку екстремисти, потсетува Пилај, вклучувајќи го и бившиот лидер на Германската национална демократска партија, Удо Воигт...

Најновиот пораст на ксенофобија во говорот на европските политичари може да ја отвори вратата за кршење на човекови права, оцени во Женева Нави Пилај- висока претставничка за човекови права на ОН.
 
На отворањето на летното заседание на Советот на ОН за човекови права, Пилај предупредила дека ксенофобните и расистичките изјави, како и говор проткаен со верска нетрпеливост, би можеле да ја загрозат борбата против дискриминација во Европа. 
 
„Отворен е патот за кршење на човековите права“ – изјавила Пилај, посебно предупредувајќи на последиците од говорот на омраза на европските челници. Како пример за екстремистичка клима го навела неодамнешниот крвав напад на Еврејскиот музеј во Брисел.
 
Во новоизбраниот Европски парламент ќе седат неколку екстремисти, потсетува Пилај, вклучувајќи го и бившиот лидер на Германската национална демократска партија, Удо Воигт којшто изјави дека „Европа е континент на белците и таков мора да остане“.
 
Соња Стојановска