ЕУ свика вонреден лидерски самит поради Орбан
Лидерите на земјите-членки на Европската унија денеска ќе се соберат на вонреден самит во Брисел, каде ќе се обидат да го скршат отпорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да одобри пакет макрофинансиска помош за Украина...

Лидерите на земјите-членки на Европската унија денеска ќе се соберат на вонреден самит во Брисел, каде ќе се обидат да го скршат отпорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да одобри пакет макрофинансиска помош за Украина. Во последните денови и недели се водеа интензивни разговори за да се дојде до решение, но исходот сè уште не е сигурен.
Според најавите од Брисел, на вонредниот самит шефовите на држави или влади на земјите членки ќе разговараат за ревизија на буџетот со кој се предвидува пакет помош за Украина од 50 милијарди евра за следните четири години, од кои 17 милијарди се грантови и 33 се заеми.
Покрај пакетот помош за Украина, предлогот за ревизија на буџетот предвидува две милијарди евра за миграција и управување со границите, 7,6 милијарди евра за соседството и светот, 1,5 милијарди евра за Европскиот фонд за одбрана, во рамките на новиот инструмент СТЕП (Платформа за стратешки технологии за Европа), две милијарди евра за инструментот за флексибилност, 1,5 милијарди евра за солидарниот фонд и за итна помош.
Поради противењето на помошта за Украина, Орбан го блокираше целиот пакет, а согласноста ја условуваше со одмрзнување на сите европски фондови наменети за Унгарија.
Доколку Орбан не се согласи на компромис, се споменува можноста 26 земји-членки билатерално да и пружат помош на Украина во предвидениот износ.
