Македонија

ЦУК: 2.169 повици на 112 во последното деноноќие

01.02.2024 10:37

Во последното деноноќие имало десетина пријавени пожари за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата...

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.169 повици на Единствениот број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 36,42 отсто, а 63,58 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Кон Полиција биле упатени 57,85 отсто од повиците, кон Итната медицинска помош 31,42 отсто, а кон пожарникарите 9,20 отсто од реалните повици кон 112.

Пожари на шуми и вегетација на отворено во државата сè уште има според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи. Во последното деноноќие имало десетина пријавени пожари за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.

ЦУК апелира да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, отпадоци, ѓубришта и контејнери на отворено бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух. Граѓаните да ги слушаат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари. ЦУК апелира и на внимателност при прошетките во природа, на повисоките места и планините во нашата држава бидејќи при зимски услови на места со снег и мраз е лизгаво, особено на осоите на почетокот и на крајот од денот.