Воспитувачките и негувателките од струшките градинки денес не отидоа на работа
Како што претходно најавија негувателките и воспитувачките од струшките градинки денес не се појавија на работните места. Бараат решавање на нивниот статус, за почеток минимална плата, во спротивно нема да одат на работа...

Вкупно 21 воспитувачка и негувателка од двете струшки градинки денес не се појавија на работното место. Како што најавија нема веќе да работат за 10.000 денари месечен хонорар без здравствено и пензиско осигурување.
Утрово во струшките градинки немаше поголем метеж. Се згрижуваат децата, но родителите се загрижени, велат проблемот ќе се продлабочи од понеделник, кога се очекува повеќето деца да се вратат редовно во градинка.
Треба да им се реши статусот ние како родители сме обврзани да ги носиме тука децата нема каде на друго место да ги носиме. Институциите на државата би требало малку свесно да реагираат на тоа поле“, вели родител.
„Во летниот период кога градинката работи само со вработените, кои се со решение принудени сме да не ги носиме децата во градинка бидејќи нема кој да ги згрижи“, велат родители.
„Да им бидат надоместени и здравствено и пензиско осигурување, да си бидат соодветно платени за оваа работа што ја извршуваат“, велат родители.
Негувателките и воспитувачките кои со години работат со договори на дело, велат цврсто остануваат на ставот бараат минимална плата, во спротивно не одат на работа.
„Психичко е навистина неиздржливо, психички неиздржливо, материјално исто. Очекуваме да се среди со години ајде ќе издржиме, но ова навистина е претерано“, вели Весна Маркоски воспитувачка ангажирана со договор на дело.
Откако претходната си поднесе оставка, новата директорка Сања Србоска, денес беше на состанок со струшкиот градоначалник, вели се работи на решавање на проблемот, приоритет останува згрижувањето на децата.
Соња Рилковска
