Здравство

Следната недела Комисијата за заразни болести ќе одлучува за состојбата со големата кашлица

01.02.2024 13:34

Следната недела Комисијата за заразни болести ќе има состанок на кој ќе одлучува по состојбата за големата кашлица. Смируваат дека засега нема простор за паника и покрај растечкиот број на болни но и лошата слика од соседството каде што починаа четири бебиња...

Возрасните кашлаат до две минути без престан, но бебињата престануваат да дишат. Големата кашлица која го тресе регионот и од која починаа четири деца во Србија, инфектираше седуммина и кај нас. За среќа последното заболено бебе во Козле е стабилно.

Од Комисијата за заразни болести велат дека ја следат состојбата. Засега нема простор за паника и наредната недела ќе имаат состанок на кој ќе донесат одлука како ќе се постапува.

Сепак, имунологот и педијатарот Ставриќ, вели дека најмалите се во најголем ризик.

Симптомите за голема кашлица се како кај настинка, со течење на носот, поткашлување, а може да е проследена и со температура. Причина за ширењето е намалениот опфат со имунизација.

Десет години по имунизацијата организмот го заборава имунитетот стекнат од вакцина. Болеста се пренесува преку контакт со заболен. Со брисеви од нос и грло може да се докаже присуството на бактеријата која ја предизвикува големата кашлица.

 

Наташа Јанчиќ Менковски