САД туркаат решение со две држави за долгорочен мир во Газа
САД туркаат решение со две држави за долгорочен мир во Газа пред посетата на Блинкен. Тврдат дека политиката кон Тел Авив останува непроменета. Нетанјаху вели-договор за заложниците-да, но не по секоја цена. Се елиминира инфраструктурата на терористите. Хуманитарната криза останува во фокусот на меѓународната заедница...

Вашингтон се залага за унапредување на мирот во Газа туркајќи решение со две држави пред посетата на американскиот државен секретар, Блинкен на Блискиот Исток. Од Стејт департментот нагласија дека тоа не е промена на политиката на САД.
„Активно го следиме формирањето на независна палестинска држава со вистински безбедносни гаранции за Израел, бидејќи веруваме дека тоа е најдобриот начин да се постигнат траен мир и безбедност за Израел, за Палестинците и за регионот“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Израелскиот премиер вели дека се прават напори за да се обезбеди ослободување на заложниците, но не по секоја цена.
„Работиме да постигнеме дополнителна рамка за ослободување на нашите заробеници, но нагласувам: не по секоја цена. Имам црвени линии – нема да ја завршиме војната, нема да ја отстраниме војската од Појасот, и нема да ослободи илјадници терористи“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Борбите продолжуваат. Се уништува инфраструктурата на Хамас. Израел тврди дека елиминирала десетици терористи во јужниот Кан Јунис – главниот центар на борбите.
Хуманитарната криза останува во фокусот на меѓународната заедница. Откако Израел побара прекин на работата на УНРВА и долгиот список на земји што го откажаа финансирањето, шефот на дипломатијата борел повика да се поддржи организацијата.
„Многу е важно да продолжи работата на УНРВА. Истрагата мора да биде спроведена, но не смееме да го казниме палестинското население“, изјави Жозеп Борел, висок претставник за надворешна политика на ЕУ.
Истовремено, активисти за ослободување на заложниците ги блокираат камионите со помош да го напуштат пристаништето Ашдот на пат кон Газа.
Бојана Крстевски
