Здравство

Вработените во ФЗОМ се заканија со штрајк

01.02.2024 13:45

Штрајк во најава на вработените во Фондот за здравствено осигурување. Тие бараат да си ги задржат платите кои им беа исплатени за декември, а Комисијата да не носи одлука со која ќе им се намалат платите за дури 21%...

Врие во Фондот за здравствено осигурување. Вработените најавуваат штрајк ако Комисијата донесе одлука со која ќе им се намалат платите за дури 21%. Граѓаните се револтирани оти не можат да завршат работа. Пред камерата на МТВ се пожалија дека чекаат со саати за обична заверка.

Вработените во Фондот бараат да си ги задржат платите кои им беа исплатени за декември, а не да се крои ново намалување. Синдикалците остануваат на ставот дека до крај ќе ги бранат работничките права, оти како што велат, тоа тие го заслужуваат.

„Буџетот на ФЗО е издвоен од Централниот буџет, средствата за плати не се предвидуваат од Централниот Буџет туку од Буџетот на ФЗО и никогаш до сега немало ваков проблем и вакво мешање во работата на ФЗО од страна на Владата и Министерството за финансии“, изјави Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Ако дојде до штрајк на вработените во ФЗОМ на шалтерите ќе работи само по еден човек кој ќе прима само документација, односно сиот товар ќе падне врз грбот на граѓаните.

Останува да видиме кој ќе биде последниот збор од Комисијата, за тоа дали ќе им се намалат платите.

Со одлуката за намалување на платите се засегнати 831 вработен во Фондот за здравство. Ако дојде до тоа нема да има рецепти, упати, исплаќања од фондот, односно се ќе застане.

 

 

Борис Грујоски