Унгарија попушти, одобрена ЕУ-помошта за Украина
По повеќенеделна блокада, унгарскиот премиер Виктор Орбан попушти. На вонредниот самит во Брисел, ЕУ се договори за помош за Украина во износ од 50 милијарди евра...

Европската унија постигна едногласна согласност за помош од 50 милијарди евра за Украина. 27 лидери на земјите-членки на самитот во Брисел постигнаа консензус, откако беа надминати несогласувањата со унгарскиот премиер Виктор Орбан кој во декември стави вето. И Киев и Брисел го поздравија постигнатиот договор.
„Го поздравуваме договорот за обезбедување на долгорочна финансиска помош за Украина. Ова е добра вест. Украина е наш приоритет. Ова ќе ни ги обезбеди кредибилитетот, легитимитетот и предвидливоста кои се очекуваат од нас, бидејќи безбедност на Украина е и европска безбедност“, изјави Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент.
„Многу е важно тоа што одлуката ја донесоа едногласно сите 27 лидери. Тоа е уште еден показател на вашата силна обединетост и поддршка за Украина. На последниот самит, кредибилитетот на Европската унија беше доведен во прашање, а сега заеднички го зајакнавме“, изјави Зеленски.
Финансиската помош од 50 милијарди евра ќе и помогне на Украина да ги исплати пензиите, платите и другите трошоци во следните неколку години. Првата транша од пакетот Киев ја очекува во март.
А додека европските лидери на вонредниот самит разговараа за ревизија на финансиската рамка на Унијата за периодот од 2021-ва до 2027 година, европските земјоделци ги блокираа улиците и плоштадите околу европските институции. Земјоделците се незадоволни од зголемените трошоци, правила и бирократијата.
Марија Котовска
