Здравство

Грипот продолжува да ги полни амбулантите, најризични се децата до четири години

01.02.2024 16:33

Речиси, нема семејство во кое нема заболен, а потоа грипот лесно се шири и кај другите членови. Дава сериозна клиничка слика со висока температура која трае со денови, растечен нос, кашлица и болки во грлото и телото. Доктор Мира Атанасова дневно прегледува и по 60-тина пациенти со симптоми на грип...

Грипот е во полна сила и продолжува да ги полни амбулантите – страдаат и децата и возрасните. Речиси, нема семејство во кое нема заболен, а потоа грипот лесно се шири и кај другите членови. Дава сериозна клиничка слика со висока температура која трае со денови, растечен нос, кашлица и болки во грлото и телото. Доктор Мира Атанасова дневно прегледува и по 60-тина пациенти со симптоми на грип. Вели најризични се децата до четири години, кај нив вирусот многу брзо прогресира.

„Грипот е брутален има нагли почеток – за два часа имате болен човек, болно дете. Го приковува за кревет затоа што е бурна таа клиничка слика. Треската е најдоминантна. Несомнено трае од пет до седум дена. Грипот е многу тешка вирусна инфекција кај децата, педијатрите се плашиме дека може да направи влошување, колку е помало бебето верувајте може да направи бронхитис, бронхиолитис, некогаш и тешки пневмонии“, вели д-р Мира Атанасова – педијатар.

Меѓу вирусите присутен е и ковидот, но ретко кој се тестира – вели докторката. Родителите се загрижени, прашуваат како до подобар имунитет кај децата. Атанасова вели дека витамин Д3 и Ц мора да се дава секој ден.

Лекарите апелираат родителите да не ги пуштаат болните деца во градинка или во училиште и потребната терапија да не им ја даваат на своја рака.

Дека вирусот на грип е широко распространет во земјава покажуваат и податоците на Институтот за јавно здравје. За една недела пријавени се над 1.800 заболени со симптоми на грип и два смртни случаи на 20 и 36 годишна возраст од Скопје и Демир Хисар. Починатите не биле вакцинирани и имале други заболувања.

Додека во земјава епидемиолозите го очекуваат пикот на грипот, во соседна Бугарија, здравствените власти прогласија епидемија во речиси половина држава.

Андријана Ѓурческа