Случај „Онкологија“

За онколошките пациенти најважно е дали ќе го добијат лекот, стравуваат и дека ќе останат без лекари

01.02.2024 16:45

Пациентите на лекарот Нино Васев, осомничен во случајот „Онкологија“, се прераспределни кај други онколози. Причината е што против него има мерка за оддалечување од работно место. Додека партиите се обвинуваат кој е виновен, а обвинителството води истрага, пациентите живеат во надеж дека ќе има правда, но и лекови. Тие се жалат дека со часови чекаат да добијат терапија...

Во фокус на Обвинителството е истрагата за препродажба на скапи онколошки лекови, но за пациентите кои ја живеат суровата реалност – најважното прашање е дали ќе го добијат лекот. Имаат ли верба во системот кој треба да гарантира правда е помалку важно во моментов, за оние кои се соочуваат со смртоносни болести, а немаат друг избор освен Клиниката за онкологија.

„Бараме помош, што да правиме … нема каде да одиме на друго место“-вели еден пациент.

Обвинителството засега нема докази дека биолошка терапија се продавала на црните пазари во Косово и во Албанија, но овие околности и натаму се истражуваат. Во меѓувреме, пациенти велат дека терапијата што ја добиваат им го подобрува животот.

„Од сите сум задоволна, добро е.“

„Седум месеци доаѓам тука, немам никаква замерка од мојот доктор, за други не знам.“

„Целата историја ја имам проверено, сè што сум примила е точно. Останавме без лекари … двајца лекари цела Македонија ја покриваат“-велат пациентките кои ги анкетиравме.

Дел од пациентите не штедат пофални зборови за своите лекари. Но, потврдуваат дека чекаат со часови за да примат терапија.

Истрагата опфаќа петмина вработени на Клиниката, од кои двајца поранешни директори и тројца лекари – онколози.

Анита Димитријевска – Велковска