Субвенции

Оглас за субвенции за амбалажа за ориз

02.02.2024 08:38

Извозниците на домашниот ориз можат да добијат субвенции од платежната агенција за амбалажата што ја користат при пакувањето. Финансиската поддршка е за најлонски и хартиени кеси. Барателите треба да се правни лица кои се регистрирани за вршење на откуп на ориз. Kрајниот рок за поднесување на апликациите завршува на 15-ти февруари.

Агенцијата за финансиска поддршка објави Jавен повик за доставување на барања за исплата на средства од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за мерката – помош за маркетинг на земјоделските производи и нивни преработки.

Се работи за поддршка на трошоци за амбалажа на преработени земјоделски производи, односно за извезен ориз со потекло од Република Северна Македонија.

Висината на поддршката изнесува 2,5 денари по пакување во најлонска амбалажа до 500 грама, 5 денари по пакување во најлонска амбалажа до 1 килограм и 10 денари по пакување во хартиена амбалажа до 1 килограм или по пакување во најлонска амбалажа од 3 до 5 килограми.

Корисници на оваа финансиска поддршка можат да бидат правни лица кои се регистрирани за вршење на откуп на ориз согласно законот за земјоделство и рурален развој.

Краен рок за доставување на барање за исплата е до 15 февруари, а субвенциите се за извоз направен во периодот од 1 Јули до 31 Декември 2023 година.

 

Методија Трајков