Пораст на заболени лица од грип во земјава
Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,1 пати, информираат од ИЈЗ...

Податоците од најновиот изваштај на Институтот за јавно здравје укажуваат на пораст на заболени лица од грип во државата.
Во текот на четвртата недела од 2024-та година од 22-ри до 28-ми јануари, во Република Македонија се пријавени 1.834 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 9,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,1 пати, информираат од ИЈЗ.
При лабораториско тестирање во лабораторијата на ИЈЗ детектирани се позитивни случаи на инфлуенца и еден случај со САРС КОВ – 2.
Во однос на возрасната дистрибуција, 982 лица се на возраст од 15 до 64 години, 342 се деца на возраст до четири години, 256 се деца на возраст од пет до 14 години и 254 случаи се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.
Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грипа, на возраст од 20 и 36 години од Скопје и Демир Хисар, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – хематолошки, кардиоваскуларни, обезитас и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.
