Кенија

Силна експлозија на гас во Најроби, најмалку тројца загинати

02.02.2024 12:17

Најмалку три жртви и речиси 300 повредени во експлозија на гас во кенискиот главен град Најроби. Инцидентот се случил во индустриска зграда во близина на станбена населба, што покрена низа прашања за корумпираноста на власта во земјата...

Жртви и стотици повредени во експлозија на гас во Најроби. Меѓу загинатите има и деца. Властите во Кенија стравуваат дека ќе расте бројката.

„271 лице е примено во различни болници во Најроби. 21 доби третман и е пуштено дома. Засега имаме 3 жртви. Сè уште се трага дали има јагленосани тела во куќите“, изјави Даглас Кања, помошник генерален инспектор на полицијата.

„Плинот ги разнесе продавниците и куќите на луѓето. Има повредени и загинати. Некои се борат за живот“, изјави Виктор Оманга, жртва во пожарот.

Истрчавме од областа да побегнеме. Некои луѓе ги зафати огнот, јас ја скршив ногата“, изјави Роселин Нијавер, жителка на Ембакаси.

Несреќата се случила во индустриска зграда на паркинг за камиони натоварени со плин. Од засега непознати причини, една од боците експлодирала, а пожарот многу брзо го зафатил и магацинот со текстил, и се проширил на околните станбени згради, деловни објекти и автомобили. Очевидците велат глетката на улиците била ужасна.

„Излегов и видов како луѓето трчаат, мајки со деца, имаа мали бебиња, девојчиња и момчиња кои крвавеа. Беше ужасно. Видов човек на кој му како крвареше од главата“, изјави Вало Бреки, жителка на Ембакаси.

„Бев зад магацините кога се случи експлозијата. Многу луѓе се здобија со изгореници. Некои загинаа во домовите, некои по патот“, изјави Хилари Отиено, повреден во пожар.

Близината на индустриската постројка до станбените домови покрена низа прашања во земјата во врска со спроведувањето на градските планови, откако службениците во окружната влада беа обвинети за примање мито за да ги игнорираат градежните правила и прописи.

 

Бојана Крстевски