Македонија

Статус кво за изборот на членот на ДИК, Митрески бара решение

02.02.2024 12:27

Седмото столче во ДИК и натаму битка помеѓу албанските партии. Опозицијата не попушта и е на готовс. Оптимизмот е насочен кон новиот собраниски спикер, Јован Митрески, од кого се очекува да ја откочи работата во Државната изборна комисија. Разговорите се водат и никој не попушта. Но најголем проблем со ова непополнето место е дали доколку не се најде решение, може да не се признае изборниот резултат?

Статус кво состојбата за изборот на седмиот член на Државната изборна комисија. Разговори се водат, но никој не попушта. Ниту Алијанса за Албанците која е дел од владејачкото мнозинство, ниту пак опозицискиот Европски сојуз за промени. И двата блока остануваат на ставот дека последниот член на ДИК треба да е нивни предлог. Меѓу двете страни кои инсистираат на столче во изборната институција се и најголемите македонски партии кои ги поддржуваат едната својот владин партнер, другата опозициските ставови на сојузот.

„До сега знаете каде е проблемот. Работата беше блокирана во Собранието од страна на поранешниот претседател Џафери. Сега можеби со новиот претседател на Парламентот работите ќе мрднат од мртва точка. Да видиме каков пристап ќе има во однос на ова прашање. Ние чекаме законски да се избере нашиот кандидат од опозицискиот блок“, изјави Даут Мемиши, ЕСП.

Врелиот костен е во рацете на тазе избраниот спикер Јован Митрески кому од прва на почетокот од неделата не му успеа за ова прашање да најде консензус. За МТВ кусо одговори уште разговарам со партиите. Едно од инсистирањата е двајцата кандидати предложени од Алијанса и од Сојузот за промени да се најдат на пленарна седница и за нив да се гласа. Но на ова не се согласува опозицискиот албански блок кој вели дека тоа би било преседан, оти досега еден кандидат бил предлаган на пленарка и гласано за него со консензус. Останува отворено дали новиот спикер Митрески ќе успее да издејствува консензус.

 

 

Миле Ристески