Состојбата на нашите сонародници во странство се усложнува со промената на уставното име во патните исправи
Се усложнуваат состојбите на нашите сонародници во странство, чие добивање документи од земјата во која се иселиле зависи од македонскиот пасош и неговата замена со уставното име. Во конзуларните претставништва нема обрасци и единствената помош од државата е да им се издаде итен лист да допатуваат во земјава за да си добијат важечка патна исправа, но никој не знае кога ќе го добијат и кога ќе можат да им се вратат на семејствата, вели наша сонародничка од Ирска, Билјана Дураковска Величковска.

Една е од многуте кои со своето семејство живее вон родината. Сега во Ирска е нејзиниот дом. После седум години битка за државјанство во таа земја, кога е на праг да си го оствари правото, главоболки и создава вадењето на пасошот на матичната земја, вели за МТВ нашата сонародничка Билјана Дураковска Величковска.
Секоја година, личната карта од Ирска и работната дозвола ги добива врз основа на македонскиот пасош, но сега тоа е можно само откако ќе го добие пасошот со новото уставно име на земјава.
Дураковска Велчичковска не ги контактирала нашите вработени во конзуларното претставништво во Лондон, бидејќи разбрала дека немаат обрсаци, а и доколку ги имале за да отиде во Лондон од нејзиниот град Летеркени во Ирска, ќе и треба англиска виза.
Ја загрижува тоа што не знае колку би останала во земјава разделена од своето семејство кое е во Ирска и кое за разлика од неа има ирски документи. Со вакви проблеми се соочуваат многумина и не само од странство туку и во земјава.
Издавањето на патните исправи стана проблематично последните два, три месеци со наближувањето на рокот после кој пасошите со сегашното име на земјата, како и сите други документи согласно преспанскиот договор нема да важат.
Фиљана Кока
