САД

Јужната граница во Тексас, камен на сопнување во предизборието

02.02.2024 12:52

Политиката се вмеша во американското предизборие. Пред ноемвриската одлука за нов шеф на Белата куќа, уривањето на 500 милји долгата ограда кон Мексико е прилика за демократите да го добијат гласот на Американците од шпанското говорно подрачје. Трамп веќе најави, доколку победи ќе ја распореди војската и полицијата на јужната граница низ која за три месеци лани минале незаконски 600 илјади мигранти...

„Вратете ни ја границата“, поддршка од граѓаните на американски Бимонт за конвојот камиони што се движи кон градот Јума. Се веат американските знамиња по автопатот, се бара целосно затворање на границата кон Мексико.

„Се заколнав да ги штитам соединетите американски држави од сите непријатели, странски и домашни. Таа заклетва сега се проширува: тука сум за да ја заштитам, да и служам на мојата земја сè додека не умрам“, Вероника Сури од НВО „Вратете ни ја нашата граница“.

„Нашиот глас мора да се слушне. Според првиот амандман од Уставот, имаме законска можност да се собираме поради нашата загриженост од постапките на Владата“, изјави возачот на камиони, Брус Попи од  НВО „Вратете ни ја нашата граница“.

Синдикатите на 11 американски држави на најмногубројната работничка унија на камионџиите, популарните „Тимстери“ се движат кон јужната американска граница.

Состојбата се политизираше, откако Белата куќа најави уривање на стотици километри долгиот граничен ѕид кон Мексико. Во игра за ноемвриските претседателски избори се и гласовите на американските Мексиканци.

„На Тексас ќе му понудам целосна поддршка, ќе распоредам војска и полиција на границата на којашто изградивме 500 милји ограда, а сега тие ја уриваат. Ова е добро за нивната политика. На демократите им треба гласот на Американците од шпанското говорно подрачје, но нам, кои херметички ќе ја затвориме границата, не ни треба. И без нив подобро стоиме“, изјави Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.

Само во последните три месеци лани, по уривањето на ѕидот од Мексико, во САД незаконски влегле над 600 илјади мигранти.

 

Зоран Богатинов