Продолжува праксата да се менува Изборниот законик во последен час
Техничката влада подготвена. Власта и опозицијата го чекаат датумот за гласање, но сè уште се чекаат измените во Изборниот законик. Иако поминаа два месеца од подготвената верзија на работната група, законот и натаму го нема во собраниска процедура. Останува неизвесно дали ќе биде прифатено укинувањето на платеното политичко рекламирање...

Собранието ја задржува лошата пракса да го менува Изборниот законик во последен час. Иако поминаа повеќе од два месеци откако работната група ја изработи драфт верзија, предлогот сè уште не е во собраниска процедура.
Пратениците воздржани. Од владејачкото мнозинство очекуваат да има финална разврска до распуштање на Парламентот, додека помалите партии од власта и од опозицијата со став дека, реално нема време, но и да биде ставен на гласање, измените нема да поминат.
Причината е, како што тие велат, на големите партии не им е во интерес да се укине платеното политичко рекламирање, бидејќи го земаат најголемиот дел од наменетите средства. Иницијативата за измените ја поднесе Демократскиот сојуз и истата беше укината од Уставниот суд. Трајанов образложува-со стариот закон малите партии се ставени во нефер позиција. Во ДИК веќе пресметаа.
„Согласно изборниот законик, претседателските и парламентарните избори ќе ќинат 17 милиони евра. Повеќе од половина или околу 10 милиони државата ќе треба да одвои за предизборно рекламирање на партиите“, велат од ДИК.
Зад нивниот предлог за укинување на државното финансирање застана и првиот човек на Министерството за правда Кренар Лога.
Иако една од препораките на ОДИХР е да не се менуваат изборните правила барем шест месеци пред избори, во нашата законска регулатива законите можат да се донесат и во минимален рок од два дена.
Марина Стојанова-Тонева
