Рокот за промена на лични документи истекува, на пунктовите метеж
Уште 10 дена македонските граѓани имаат можност да направат промена на патните исправи, по овој рок со пасошите со старо име, нема да можат да излезат надвор од државата. Пред пунктот во полициската станица „Пролет“ и натаму нервозни граѓани кои чекаат со часови...

Во тензична атмосфера граѓаните се обидуваат да дојдат на ред за смена на личните документи на пунктот без закажување. Некои чекаат неколку дена и со часови, пред да дојдат на ред. Бавно оди оти работат малку шалтери и се прави пауза, а некои се пропуштаат преку ред.
Рокот истекува на 12-ти февруари, а првите слободни термини за пасош во редовна постапка се наесен, а по брза во април.
Непознато е дали пунктот без закажување ќе работи и по 12-ти февруари.
Од многуте најави на политичарите дека можеби ќе разговараат со Грција за продолжување на рокот, нема конкретно ништо. Од Атина за МИА изјавија дека за Грција е исклучително тешко да прифати продолжување на рокот од пет години за смена на пасошите и регистарските таблички.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали постоела комуникација и барање од Северна Македонија до Грција за евентуално продолжување на рокот, грчките дипломатски извори одговараат негативно.
Ирина Гелевска
