По скандалот, на Онкологија се зголеми метежот- граѓаните револтирани
Скандалот на Клиниката за онкологија ги зголеми редиците на пациенти. Клиниката и онака нема доволен број на кадар, сега метежот и револтот се зголемува кај граѓаните. Најголем проблем се оние кои не живеат во Скопје, а мораат да дојдат до главниот град за да ја примаат потребната терапија. Патуваат и по три часа во еден правец. Македонската телевизија се обиде да добие одговори зошто трите онколошки центри низ Македонија ги испраќаат пациентите во главниот град…

Ограничени ресурси, а неограничен број на пациенти. Скопската Клиника за онкологија и без истрагата на Обвинителството пукаше по сите шевови. Сега, со еден лекар помалку едвај се справува со напливот на болните од канцер. Со судски налог, доктор Васев е отстранет од работа, а неговите пациенти се распоредени кај колегите.
„Ние повеќе не можеме, ниту со кадар, ниту со простор, ниту со лекови, благовремено ова рапидно зголемување да го следиме во чекор. Верувајте, докторите со натчовечки напори и надвор од работното време работат за да бидат сите пациенти опслужени“, вели Виолета Клисарова, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Клиниката спасот го гледа нов кадар и во зајакнување на регионалните центри за да може Скопје да се растовари.
Клиниката за онкологија се соочува со недостиг од лекари. Во моментов активно работат 30, но за да може клиниката да ги сервисира сите пациенти, без метеж и чекање, неопходно е да се вработат барем уште толку.
Од битолската болница велат – во последните три месеци прегледале околу 1.400 пациенти, но само најкритичните ги препраќале во Скопје.
„Одделението моментално функционира само со четири доктори специјалисти, четири радиолошки технолози, еден дипломиран физичар, како и преостанат медицински персонал којшто е доволен да ги покрие пациентите кои доаѓаат на преглед или примаат терапија во истото одделение“, вели Ивона Трифунов, портпарол на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“-Битола.
Пациентите од внатрешноста патуваат и по 3 часа во еден правец за да дојдат на преглед. Имаат пофални зборови за лекарите, но се жалат дека опашката од редот брои и до 50 луѓе.
„Никој не ти дава амбулантно возило, затоа беше тешко да се дојде до тука. Најдобро е да има регионални центри, нека биде Битола, или некој друг град во западна Македонија за да се растоварат сите“, вели Халид Муратоски, жител на Струга.
„Јас ги разбирам докторите, посебно им е тешко на оние што се кај зрачењето, но тие се заколнале дека ќе им служат на пациентите, а ние секој месец плаќаме здравствено осигурување. Ако задоцниме еден месец нас фондот ни ги бара парите, а ние си бараме навремена услуга“, додава Благојче Петрески, жител на Прилеп.
Истрагата за злоупотреба на скапи онколошки лекови опфаќа петмина, но од обвинителството велат дека е можно проширување и за други лица.
Анита Димитријевска-Велковска
