Од понеделник штрајк во ФЗО, на шалтерите ќе се услужуваат само итни случаи
Штрајк на вработените во Фондот за здравствено осигурување. Од понеделник граѓаните нема да можат да користат услуги, освен за итни случаи. Од Синдикатот велат дека нема да има ниту издавање рецепти ниту уплати и исплати. Незадоволството е поради најавеното намалување на платите…

В понеделник штрајк на вработените во Фондот за здравствено осигурување. Во подрачните единици само еден вработен ќе прима документи, а ќе работат само на неопходните предмети, пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи, информираат од ресорниот синдикат.
„За прием на документи ќе има само по еден вработен во подрачните единици. Сакаме да се заблагодариме на досегашната поддршка и разбирање на граѓаните и лекарите од јавното и приватното здравство, кои ги поддржуваат вработените во нивните барања и се на страната на вработените во ФЗО и имаат разбирање за нивниот проблем со платите“, велат од Синдикатот при ФЗО.
Револтот кај вработените доаѓа со препораката од владата за намалување на платите, според нивни пресметки, од 21 процент. Во понеделникот на протест го изразија незадоволство. Велат со одлуката е засегнат 831 вработен, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална, а 25 проценти колку минималната. Од финансии појаснија дека не станува збор за намалување на платите, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување.
„Согласно со Општиот колективен договор, има предвидено зголемување од 10 насто, како и за сите вработени во јавниот сектор. Поради фискалните импликации врз буџетот на Фондот, Владата му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот, да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година“, велат од Министерството за финансии.
Од финансии со став-обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, што би значело, ако се зголемат платите, ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните.
Наташа Гркова-Петрушевска
