Вучиќ: Целта на Курти е етничко чистење на Србите од Косово
Укинувањето на динарот како платежно средство на Косово има за цел етничко чистење на косовските Срби, порача Вучиќ во обраќањето пред јавноста. Најави дека ќе бара итна седница на Советот за безбедност на ОН…

Претседателот Александар Вучиќ кажа дека според Бриселскиот договор и во сите други договори Србија има нормативно право за финансирање на одредени активности за косовските Срби, како здравството, образованието, пензиите, што е предвидено и во идната Заедница на српски општини, потенцирајќи дека укинувањето на динарот никогаш не било тема на дијалогот со Приштина и дека косовскиот премиер Албин Курти самоиницијативно донел одлука за укинување на динарот како платежно средство.
„Овој пат, односот меѓу земјите од Квинта и најголемите западни сили, сите, речиси сите членки на Европската унија или институциите на Европската унија, е поинаков. Ако ги следите нијансите во тие реакции, ќе видите дека дури и американското соопштение е нешто посилно од она на Европската унија и верувам дека западните партнери ќе си го одржат зборот и ќе се обидат да се изборат за основните права на српското население“, нагласи Вучиќ.
Тој додаде со Приштина има дијалог, но дека целта на Курти е етничко чистење на Србите од Косово, или како што пишува во Конвенцијата за геноцид, „намерно подложување на Србите на ненормални услови за живот“.
Вучиќ порача дека за укинување на динарот нема да има разговори меѓу Народната банка на Србија и Централната банка на Косово и дека Приштина кога ги бара тие разговори всушност бара признавање.
Србија ќе продолжи да обезбедува доволно парични средства за Србите на Косово, за што денес се веќе исплатени 5 милиони евра, а предвреме ќе исплати уште 22 милиони евра за плати, пензии други давачки.
Вучиќ најави дека Србија во понеделник ќе поднесе писмено барање за одржување на седница на Советот за безбедност на ОН за Косово, изразувајќи надеж оти седницата ќе се одржи и изјави дека освен членките на Советот за безбедност на ОН, ги известил и сите земји членки на ЕУ за сите ескалирачки потези на Приштина во изминатите две години, наведувајќи што сè бара Србија од меѓународната заедница во согласност со Уставот и резолуцијата 1244.
Вучиќ потсети дека Србија од 1-ви март ќе има единствен пазар со Северна Македонија и Албанија и додаде дека смета дека ова е одлична работа за луѓето од регионот, што ќе овозможи да разговараме со ЕУ за таканаречените „зелени појаси“ за нашите камиони.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
