Антивакциналната кампања ги враќа исчезнатите болести во Куманово
Куманово е меѓу градовите каде што опаѓа бројот на имунизирани деца. Состојбата со голема кашлица во соседството ги загрижи надлежните, иако опфатот со оваа вакцина во најголемата општина во земјава е 75 отсто. Најлоша е состојбата со МРП вакцината. Здравствените работници велат антивакциналните кампањи ги враќаат исчезнатите болести …

Антивакциналната кампања ги врати исчезнатите болести како пертусис, голема кашлица, која може да предизвика сериозни последици, велат од детскиот диспанзер во здравствениот дом во Куманово, каде опфатот со вакцината е 75 отсто. Но гледајќи ги случувањата во соседството велат состојбата е загрижувачка. Тие ги повикаа родителите навреме да ги имунизираат дечињата. Оваа вакцина појаснуваат се прима заедно со дифтерија, тетанус, на двомесечна возраст, по што следи ревакцинација.
„Куманово е еден од градовите каде се намалува процентот на имунизирани деца. Опфатот со вакцина против пертусис кај нас се движи до 75 проценти. Попроблематичен е опфатот со вакцината МРП кој изнесува 40 проценти“, истакна д-р Валентина Богоевска-Димитриевска од диспанзер Куманово.
Болеста која се нарекува и магарешка кашлица е акутно бактериско заболување. Првин се појавува течење нос, зарипнато грло, покачена температура.
„Кашлицата е иритативна, досадна кашлица може да предизвика компликации бронхопневмонија, воспаление на средно уво, енцефалитис“, дополни доктор Богоевска-Димитриевска.
Болеста може да предизвика компликации и кај возрасните со корбидитети. Особено страдаат оние кои не се вакцинирани.
Од Здравствениот дом во Куманово посочуваат дека е загрижувачки и што опаѓа опфатот на вакцинирани и кај училишните деца кога треба да се прима ревакцина.
Здравствените работници апелираат родителите да побараат совети а не сами да се едуцираат.
Елена Георгиевска
