Секоја учебна година- 300 првачиња помалку!

10.06.2014 17:08

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека секоја година во просек има околу 300 првачиња помалку. Во 2008-та имало 23.086, додека во 2012-та биле запишани 21.471 ученик во прво одделение...

Некои училишта новата школска година ќе ја почнат со по 50 првачиња. Таа бројка  пред 10 –ина години беше за три пати поголема се присети, Марина Василева која повеќе од 2 децении ги образува најмалите во основното училиште Кирил и Методиј во Скопје. Вели дека состојбата од година во година е загрижувачка.

„Рапидно е намален бројот на првачиња. Ако сега паралелките со со 25 ученици, во минатото биле до 37 и 40“, вели Василева.

Слична е и сликата во скопското училиште „Димитар Македонски“. Таму досега се запишале само 46 првачиња што е за 40 ученици помалку од лани. Од септември ќе има само две паралелки во прво одделение.

„Бројот на ученици во минатото, додека јас бев одделенски наставник беше многу поголем во однос на сегашнава ситуација. Во однос на минатата година имаме помал број на ученици“, објаснува педагогот Татјана Трајковска.

И во Струга е намален бројот на запишани првачиња. Според последните податоци во овој град има 1.247 дечиња на 6 годишна возраст, а од нив само половина се запишани во прво одделение. Основното образование е задолжително. Родителите коишто нема да ги запишат учениците ќе се соочат со високи парични казни.

„Досега за упис во прво одделение се пријавени 572 деца, за разлика од лани кога на 1-ви септември беа запишани 605“, изјави Сурија Рашиди, од секторот за образование во општина Струга.

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека секоја година во просек има околу 300 првачиња помалку. Во 2008-та имало 23.086, додека во 2012-та биле запишани 21.471 ученик во прво одделение.

 

Викторија Тодоровска