свет

Ескалира кризата на Блискиот Исток, САД нападнаа цели во Сирија и во Ирак

03.02.2024 11:42

Драматична ескалација на кризата на Блискиот Исток. Американската војска изврши воздушни напади врз цели во Сирија и во Ирак против силите на иранската револуционерна гарда и милициски групи поврзани со Техеран. Одговорот следува по ударот врз американска база во Јордан, кога пред неколку дена загинаа тројца војници. Пентагон соопшти дека авионите и бомбардерите погодиле командни, контролни и разузнавачки центри, но и складишта за дронови и муниција. Бајден најави и нови напади...

Со бомбардери Б-1 со долг дострел, САД извршија воздушни напади врз цели во Ирак и во Сирија. Погодени се објектите што ги користи иранската Револуционерна гарда и групи што тесно соработуваат со неа. Од Вашингтон велат дека не бараат конфликт со Иран или на поширокиот регион на Блискиот Исток, но се очекуваат нови воени операции во наредните денови. Ирачките шиитски групи пак, тврдат дека ја нападнале американската воздухопловна база во Ирачки Курдистан.

„Американските воени сили нападнаа повеќе од 85 цели на седум објекти користени од иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда и милитантните групи што ги спонзорираат. Три од објектите се во Ирак. Четири од нив се во Сирија. Овие цели беа внимателно избрани за да се избегнат цивилни жртви и врз основа на јасен, непобитен доказ дека тие се поврзани со напади врз американскиот персонал во регионот“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Од Дамаск велат дека регистрирале жртви и повредени по нападите во источниот регион на Сирија и во близина до сириско-ирачката граница. Сириската армија нагласува дека бомбардирањето нема оправдување и само ја намалува способноста за борба против тероризмот. Претходно, властите во Техеран потенцираа дека немаат намера да почнат војна.

„Иран нема да почне војна, но ако некоја земја, ако некоја сурова сила сака да не малтретира, Исламската Република Иран ќе даде силен одговор“, изјави Ебрахим Раиси, претседател на Иран.

Иако американските напади не беа насочени кон локации во Иран, постои реална опасност од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток по неколкумесечната војна во Појасот Газа. Според воени експерти, ова е сериозен напад што само неколку нации во светот би можеле да го изведат. Министрите за надворешни работи на ЕУ повикуваат на воздржаност и дијалог за ситуацијата на Блискиот Исток.

„Секретарот Остин навести на говорницата на Пентагон неделава, дека ова може да трае повеќе од еден ден. Се сомневам дека администрацијата на Бајден очигледно е намерно нејасна поради повеќе причини, вклучително и оперативната безбедност и не дава премногу предупредување до противниците. Тие сакаат да ги остават своите опции отворени врз основа на тоа како реагираат милициите поддржани од Иран“, изјави Бредли Бауман, Фондација за одбрана на демократиите.

Операцијата е одговор на континуираните напади врз американски цели во регионот, а особено по минатонеделниот напад во Јордан кога загинаа тројца војници, а десетмина беа повредени.

 

Маријана Димовска