иновации

Значајни проекти од областа на енергетиката

03.02.2024 14:16

По цели 11 години пауза Горан Вељановски и Панде Поповски се првите асистенти на Техничкиот факултет од Битола во високонаучниот сектор „Електроенергетски мрежи и системи“. Под менторство на нивниот професор Методија Атанасовски, младите научници веќе промовираат иновативни проекти во областа на дизајнирањето на фотоволтаичните централи и микро локалната преносна мрежа …

Неполна година асистентски стаж во областа на „Електроенергетските мрежи и системи“ а веќе работат на иновативни проекти во интерес на реалниот сектор. Следејќи ги новите технологии и математички апарати за оптимализација, Горан Вељановски го нуди видувањето за новиот пристап во димензионирањето на фотоволтаичните централи насочени кон зелениот пазар на електрична енергија односно повисок профит за 3-4 проценти на производителот со нула дополнителни инвестиции.

Неговиот колега Панде Поповски, фокусот го има ставено на микро локалните преносни мрежи. Најважната придобивка вели е тоа што тие можат да бидат од корист во услови на поголеми дефекти или испади на основната преносна мрежа.

Заеднички иден предизвик велат се системите за складирање на електричната енергија од обновливи извори. Дополнителен мотив велат им дава што се дел од Факултетот чија единствена апликација од земјава беше препознаена и од Европската организација „Радар на Иновации“.

 

Стевче Митревски