Скопје

Протест во скопски Карпош против изградбата на висококатница

03.02.2024 16:23

Во скопски Карпош се одржа протест против изградбата на големиот станбен комплекс спроти Воената болница. Учесниците обвинија дека на сметка на личниот интерес се одзема правото на граѓаните на хуман и достоинствен живот. Тврдат дека се криела градежната дозвола, не се почитувале правилата, а конзерваторското мислење било издадено од директор, кој сега е во притвор поради сомнеж за злосторничко здружување во друг случај...

„Скопје не е бавча да се ора“, „Правда пред профит“, „Здравјето не е играчка“ – ова беа дел од пораките кои беа испратени на протестот против изградбата на 17-катница спроти Воената болница во Карпош. Учесниците обвинија дека Општината ја криела градежната дозвола која била издадена уште на 18-ти јануари, а дополнително, за нив е спорно што позитивното конзерваторско мислење го издал директор кој сега е во притвор за злосторничко здружување во друг случај. Демонстрантите побараа институциите да не дозволат да се крши законот.

Универзитетски професори, еколошки активисти, поранешни вработени во Воена болница предупредуваат.

Градежна дозвола може да се издаде само за објект што е предвиден со ДУП и со ГУП, а за оваа локација предвидено е домување уште со планот во 2012-та, појаснуваат од Општина Карпош, од каде што уверуваат дека сè е законски, а сите институции ги дале потребните позитивни мислења.

Од Карпош негираат дека градоначалникот Јакимовски ја потпишал градежната дозвола зашто тој се откажал од овластувањата во урбанизмот и надлежноста ја пренел на раководителите на секторот.

„Управата за заштита на културното наследство издаде согласност, а потоа тричлена комисија од Националната установа „Конзерваторски центар“ – Скопје, позитивно се изјаснила. Потоа и Министерството за култура потврдува дека издадените согласности се во согласност закон и пропишаниот образец“, стои во соопштението од Општина Карпош.

Просторот каде ќе се гради висококатницата е ограден. Но, карпошани најавуваат кривични пријави ако не се поништи одлуката за градба.

 

Александра Велинова