Македонија

НСПВ се пожали на обид за блокада на нивната работа

03.02.2024 15:45

Независниот синдикат на професионални војници се пожали на обид за блокада откако Министерството му ја сопрела членарината. Оттаму предупредија дека се крши Колективниот договор. Но, од Одбрана појаснуваат дека се формирал нов синдикат со исто име, па ресорот чека членовите да се изјаснат каде припаѓаат...

Независниот синдикат на професионални војници обвини дека Министерството за одбрана ја сопрело уплатата на членарината со што се прави обид да се попречи неговата работа. Синдикалецот Александар Насковски, вели дека со оваа постапка се прекршуваат Колективниот договор, Законот за работни односи и конвенциите потпишани со Меѓународната организација на трудот. Оттаму побараа реакција од Обвинителството по поднесената кривичната пријава против лица кои, како што велат, направиле хаос.

Од Министерството за одбрана објаснуваат – во мај добиле информација дека Насковски е разрешен од функцијата претседател на Независен синдикат, а на неговото место бил поставен Зоран Павловски. Насковски потоа формирал нов синдикат со подружница со исто име, па ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците. Оттаму додаваат дека Министерството за одбрана ќе исплати членарина на оној правен субјект на кој членовите со пристапници ќе се изјаснат дека припаѓаат.

За вторник е закажан состанок. Министерката Петровска повика на обединување на петте синдикати во интерес на правата на вработените.

 

Игор Панов