Со Мундијалот започнува и туристичката сезона во Струга!
Бразил, Германија, Шпанија, Аргентина, секој со свој фаворит, но и со позиција за најудобно следење на натпреварите од мундијалот во Бразил. Интересно е како се подготвуваат угостителите во туристичките места. Денеска, ве водиме во Струга...

Туристичка Струга се подготвува за следење на најочекуваниот спортски настан-фудбалскиот мундијал. Угостителите забрзано прават набавки на храна, пијалаци и екрани за следење на настаните. Посебно атрактивни се кафулињата крај брегот на езерото.
„Ние сите три објекти кои се на плажава комплетно како таверната, кафе барот и кафе слаткарата се опремени со телевизори, а ги има вкупно 14 или 15“, вели Боро Симјаноски, угостител од комлексот на „Женска плажа“.
„Се подготвуваме со разни техники, телевизори и разни напитоци, коктели, разни пива така да почетокот ке го дочекаме спремни“, рече угостителот Лазо Липоски.
Липоски е и директор на рускиот фудбалски клуб Анжи и како добар познавач на фудбалот ни ги откри своите фаворити.
„Ќе ги кажам четирите екипи кои мислам дека ќе се борат за првите три места, тука се Бразил, Италија, Германија и Аргентина“, дополни Лазо Липоски.
Секој си има место и начин за следење на натпреварите, но едно е сигурно, ќе навиваат и мажите и жените подеднакво.
„Па мислам дека ќе го гледаме по кафичи некаде на отворено со друштво поголемо, вика една обожавателка на фудбалот... На Пливалиште или Женска плажа каде што има видео бим...“, велат случајно анкетираните граѓани.
„Овде во Струга ќе го следам првенството во хотел на убав и голем телевизор, а потоа дома со своите пријатели“, вели еден турист- Холанѓанец.
Со почетокот на мундијалот, велат стружани, како да почна и туристичката сезона.
Светското првенство во Бразил ќе ги размрда не само љубителите на спортот, поточно на фудбалот, туку и угостителите кои се подготвуваат со забрзано темпо да ги пречекаат сите оние илјадници обожаватели на фудбалот.
Јованчо Наумоски
