САД и Велика Британија погодија најмалку 30 цели во Јемен
САД и Велика Британија извршија нови напади врз Хутите во Јемен. Групата поддржана од Иран најави дополнителна ескалација. Глобалната загриженост расте. За в понеделник е свикан состанок на советот за безбедност по американските удари врз цели во Сирија и во Ирак...

Не мирува оружјето на Блискиот Исток. САД и Велика Британија нападнаа над 30 цели на 10 локации во Јемен. Погодени се магацини за оружје, ракетни системи и лансери што ги користеле Хутите за напади врз бродови во Црвено Море, соопшти Пентагон. Нападите следат по бомбардирањата во Ирак и во Сирија во петокот, чијашто цел беа милиции поддржани од Иран и Иранската револуционерна гарда. Големите операции на САД и сојузниците се одмазда за смртоносниот напад врз американски војници изминатиот викенд во Јордан.
„Немаме јасна претстава за тоа, колкава штета е направена или дали некој е повреден во овие напади. Од своја страна, Хутите рекоа дека ќе продолжат со нападите врз бродовите на Црвено Море додека не видат крај на израелската војна против Хамас во Појасот Газа. Таа војна доведе до активност од либанскиот Хезболах, како и од Хутите и шиитските милиции насочени кон американските војници пошироко на Блискиот Исток“, изјави Џон Гамбрел, новинар на „Асошиејтед прес“.
И додека продолжуваат нападите во Појасот Газа, израелската војска со предупредување до Хезболах во соседен Либан дека е подготвена веднаш да нападне доколку биде испровоцирана.
„Ќе продолжиме да дејствуваме каде и да е присутен Хезболах, ќе продолжиме да дејствуваме секаде каде што е потребно на Блискиот Исток. Она што е точно за Либан, важи и за Сирија, и важи за други подалечни места“, изјави Даниел Хагари, портпарол на ИД.
Од Хамас велат дека движењето е отворено за какви било разговори за да се стави крај на израелската агресија во Газа, но во моментов е прерано да се зборува за постигнување договор за примирје.
„Нашите приоритети денес се да ги ублажиме страдањата на нашиот народ во Појасот Газа со постигнување сеопфатен и целосен прекин на агресијата, укинување на неправедната опсада на Појасот Газа“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
За последните случувања на Блискиот Исток и активностите на Вашингтон и сојузниците, за утре е свикан итен состанок на Советот за безбедност на Обединитетите Нации. Во обид на смирување на тензиите, Американскиот државен секретар Блинкен во петта посетата на Блискиот Исток откако почна војната Израел-Хамас. Предвидени се разговори во Саудиска Арабија, Египет, Катар, Израел и на Западниот Брег до 8-ти февруари, соопшти Стејт департментот.
Маријана Димовска
